Ѓубре е само она што ќе дозволиме да заврши како ѓубре, се друго е ресурс!

Концептот „Нула Отпад“ се развива како реакција на потрошувачкото општество кое со вртоглава брзина ја разгорува човечката ненаситност на сметка на човечкото достоинство, природните ресурси и животната средина, оставајќи ни во трајно наследство купишта отпад што не може бескрајно да се рециклираат дури ни во најразвиените земји.

Екологистите решение на проблемот гледаат во имплементација на концептот „Нула отпад“, кој се темели на принципите на одржлив развој и циркуларна економија. Овој концепт го применуваат 308 општини во Европа каде 99 отсто од отпадот се третира како ресурс, а само еден процент завршува на депониите. 

Овој концепт се стреми општините, односно градовите да изготват долгорочен стратешки план во чекори и да го направат системот на управување со отпад да биде прилагоден на концептот на нула отпад, каде се рециклира и употребува голем дел од отпадот.

 

Концептот ”Нула Oтпад“ ја претставува помислата дека доколку ги промениме животните навики ќе можеме да го елиминираме целиот непотребен отпад во општеството.

Нула Отпад овозможува пристап до постојани и сигурни услуги за собирање, селекција, транспорт и рециклирање на електричниот отпад и отпадните батерии и акумулатори со кои би можеле да се осигураме дека предметите што можат да се рециклираат се всушност рециклирани.