
(23.04.2020 – Скопје)
По повод Денот на Земјата, Американскиот Корнер организираше виртуелен саем на тема: Градење на одржлив животен стил.
Првпат Светскиот ден на планетата Земја е одбележан на 22 април 1970-та година во САД, а од 1992 година и во целиот свет. Денес го одбележуваат повеќе од 175 држави.
Целта на одбележувањето на „Денот на планетата Земја“ е да се подигне нивото на свесност кај нејзините жители за зачувување на животната средина, односно да укаже на загадувањето на воздухот и водата, радиоактивното зрачење и исцрпувањето на ненадоместливите енергенси.
На оваа тема се разменуваа информации на виртуелниот саем на кој учествуваше и Нула Отпад преку својот претставник Билјана Костадинова која говореше на темата “Градење на одржлив стил” .
По петминутното претставување на компанијата на секој од учесниците и нивните моментални проекти, во посебни виртуелни соби се дебатираше и се разменуваа интернационални искуства за подобро и порационално зачувување на ресурсите на Земјата, преку едноставни постапки на секој поединец, јавниот, приватниот сектор, училиштата и домовите.
Учесници на саемот и темите на кои зборуваа секој од претставниците:
-Колумбија, средношколска група за животната средина – Право на здрава животна средина
-Go green – Активизам за животна средина
-Нула Отпад – Градење на одржлив животен стил
-Fashion revolution – Одржлива мода
-TreeBanks – Зелени/еко работни места
-Challenger – Зелени/еко работни места
-Арно.Мк – Зелени /еко работни места
Пораката која се сподели се базира на податокот да се инвестира во ефикасни и обновливи извори на енергија и да се намали загадувањето и да се забават климатските промени предизвикани од човекот.